Сите се согласни, сите се свесни дека, после Јан Облак, најголема ѕвезда во таборот на Словенија е Јосип Иличиќ, играчот за врска на Аталанта. СПОРТМЕДИА се обиде да направи анализа, да укаже на што момците на селекторот Игор Ангеловски треба посебно да внимаваат, и одговорот е само еден, по секоја цена да се сопре тој Иличиќ. Највредниот репрезентативец на Словенија, се разбира после Облак, според Трансфермаркт вреди 17 милиони евра, е главната „алка“ во редовите на составот на Матјаж Кек. Од него потекнуваат речиси сите акции на неговата репрезентација, топката по обичај до него доаѓа некаде на средината од својата половина а тој потоа ја „конструира“ акцијата или ја дистрибуира топката до оној соиграч за кој смета дека е во најдобра позиција. Така да посебно внимание треба да се обрне токму на Иличиќ.

ЖЕСТОКИ БЕА ДУЛИТЕ СО НИКОЛОВ, „ТОРПЕДИРАН’ ОД АДЕМИ…

И тоа добро го знаат во нашата репрезентација, уште на првиот меч во Љубљана селекторот Ангеловски бараше од нашите момци да бидат  постојано во близина на Иличиќ. Сеуште се паметат жестоките дуели со Бобан Николов на теренот на „Стожице“, каде во неколку наврати имаше и „блиски средби“ па и вербални дуели, но сето тоа во жарот на борбата, а Иличиќ беше по малку и непристоен, но Боби остана мирен и сконцентриран. Се чини дека долгото играње во Италија го научи Словенецот и на некои „прљави“ работи.

И кога сме кај Иличиќ веднаш да споменеме дека пред еден месец, тој и неговата Аталанта во Лигата на Шампионите, просто беа „торпедирани“ од Аријан Адеми и Динамо Загреб. Тогаш на „Максимир“ беше 4:0 за „модрите“, а нашиот Адеми кој е капитен на Динамо, беше еден од хероите таа вечер во победничкиот тим.