Нашата млада репрезентација до 21 година, попладнево од 17 часот, во вториот меч од квалификациите за ЕВРО 2021 во Групата „6“, и гостува на соодветната селекција на Црна Гора, и тоа во Подгорица. Натпреварот се игра на „ДГ Арената“ а се очекува интересен и квалитетен меч, посебно од нашата репрезентација која е предводена од Чурлинов, Митревски, Ристовски, Јанков, Атанасов и другите наши млади ѕвезди со  кои допрва Македонија ќе се гордее.

Ова за домашната репрезентација ќе биде четврти натпревар, досега имаат само една победа и два порази. Секако дека избраниците на Миодраг Вукотиќ треба да се респектираат, но реално, а посебно по оние фуриозни 7:1 со Ф. Острови, од Македонија се очекува добар настап и секако бодови. Уверени сме дека четата на селекторот Благоја Милевски ќе направи се да и домашната репрезентација попладнево ја осети нашата сила. Атанасов и Чурлинов пред попладневниот дуел во Подгорица најавуваат дека Македонија ќе се обиде да одигра најдобро што може и дека се цени домашната селекција, но од друга страна дека ќе се оди на трите бода.

Вукотиќ пак за тамошните медиуми истакнал дека неговата селекција ќе одигра офанзивно, дека ја посакува победата и смета дека неговите „соколи“ ќе можат рамноправно да му се спротистават на македонскиот национален тим. Натпреварот како што рековме започнува попладнев од 17 часот а ќе го суди Швајцарецот Штефан Клоснер.

Инаку нашата репрезентација до 21.година, веќе на 15 овој месец, дома на ФФМ, се среќава со Казахстан. Токму затоа е многу важно денеска да се победи Црна Гора на нејзин терен и со девет бодови од првите три кола го дочекаме ноемврискиот циклус и гостувањето кај првиот фаворит во групата, селекцијата на Шпанија.