По вчерашниот вечерен тренинг во Скопје, полека познат и изборот на гостинскиот селектор, Матијаж Кек, за стартните 11 со кои ќе го започне дуелот вечерва на Националната Арена.

Според словенечките медиуми, без сомнеж, и денеска Кек нема да отстапи од својата формација 4-4-1-1. На голот за Словенија ќе биде Јан Облак, еден од најдобрите голмани во Европа во моментов. Дефанзивната линија на централните позиции ќе ја сочинуваат Мевља и Струна, додека Стојановиќ почнува на десната бековска позиција. Левата, пак, ќе му биде доверена на Јуре Балковец, кој воодушевил на последниот меч со Полска и веројатно ќе ја добие довербата на Кек и за денешното гостување во Скопје.

Во средината Словенија би требало да почне со Крхин и Куртиќ како организатори на играта. Лево од нив би требало да стартува Бенјамин Вербиќ, кој со двата гола за Словенија во победата над Израел го зацврсти своето место во првтиот избор на Кек. Десно ќе стартува Роман Безјак.

Во позицијата на офанзивен играч за врска треба да биде искусниот Јосип Иличиќ, а како централен напаѓач се очекува Андраж Шпорар, стрелецот на Слован Братислава. Тоа практично би бил истиот состав кој го одигра и последниот меч со Израел, освен капитенот Бојан Јокиќ кој поради повреда вечерва би требало да почне од клупата.