Следниот противник на европскиот првак Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите, Кил, има густ распоред пред соочувањето во Скопје.

Само во првиот дел од октомври Германците играат десет натпревари на сите фронтови, а еден од нив е денешниот (19 часот) против Нортхорн во Бундеслигата. „Зебрите“ се фаворит, со оглед на тоа дека Нортхорн се врати во најсилното германско друштво по десет години пауза.

За разлика од нив, вардарци имаа десет дена чист распоред во кој можеа мирно да се подготвуваат.

Кил вечерва игра меч, а утре има лет за Скопје во пресрет на големиот дуел со Вардар во групата Б во Лигата на шампионите, в сабота (17:30 часот) во СЦ „Јане Сандански“.