Она што СПОРТМЕДИА го објави завчера, дека ФК Работнички преку својот Генерален секретар Ненад Монев влезе во структурите на Европската Клубска Асоцијација (ЕКА), денеска клубот од Градски парк и официјално, преку клупскиот сајт ја потврди информацијата. Ненад Монев и Работнички во следните четири години ќе бидат членови на Комитетот на ЕКА за Социјален дијалог.

„Особена чест и задоволство ми е што јас и ФК Работнички, во наредните четири години ќе бидеме дел од Комитетот за социјален дијалог на ЕКА и Работната група за институционални односи. Веќе пет години сум дел од оваа асоцијација, како клупски претставник. Пред две години ми овозможија да бидам дел од престижната едукативна програма за клупски менаџмент (ECA CMP) и по успешното завршување во јуни годинава, ова дојде како нов голем професионален предизвик, како за мене така и за ФК Работнички, како репрезенти на македонскиот фудбал на ова високо европско ниво. Можноста да бидеме, да анализираме, да креираме и одлучуваме рамо до рамо со големите фудбалски клубови, за мене преставува голем мотив, но и одговорност. ФК Работнички од секогаш важел за еден од најдобро организираните спортски колективи во земјава и искуството кое го стекнав во иминативе девет години како дел од менаџментот на “Херојот од Дебар Маало”, ми овозможи да го достигнам ова и да продолжам да работам во иднина на едно повисоко професионално ниво и сето искуство стекнато таму да го пренесам овде во мојот Работнички”, вели Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев.

„ФК Работнички е клуб кој секогаш тежнее да ги следи новите текови во европскиот фудбал и нашето присуство во ЕКА е мошне значајно во тој поглед, за црпење на нови искуства и нивно применување во клупското егзистирање. Чест е да се биде дел од структурите на ЕКА и се надеваме дека и во иднина ќе имаме полн придонес со членувањето на Генералниот секретар Ненад Монев во Комитетот за социјален дијалог“, истакнува претседателот Драган Поповски.