Зоран Бошковски најдобро знае како се победува Словенија. Тој играше и беше стрелец на два гола на двата први натпревари на Македонија, и двата против Словенија. Во Крањ кога победивме со 4:1 тој го постигна првиот историски гол, а потоа во Скопје кога славевме со 2:0, го постигна еден од најубавите головите за нашата репрезентација.

„Мислам дека оваа генерација има квалитет, имаме адути за нова победа над Словенија. Тука се Пандев, Елмас, Нестор, Адеми, Ристовски и сите останати кои вечерва ќе истрчаат на Арената во Скопје. Зошто да не, можеме да ја победиме оваа Словенија. Само ни треба агресивност во текот на сите 90 минути, брз пренос на топката, и по можност први да постигнеме гол. Е тогаш Арената ќе се „запали“, ќе има еуфорија. Секако дека треба да внимаваме на нивните контри полуконтри, Иличиќ и Зајц треба посебно да се чуваат. Реков, верувам во овие момци, голем дел јас сум ги тренирал кога бевме во младата репрезентација, и знам дека може да победат, јас им ја посакувам сета среќа на овој свет вечерва против Словенија“, вели Чоко.

ТОА СЕ ПОСЕБНИ ЕМОЦИИ, ГОЛОВИ КОИ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ

Македонија и Словенија досега одиграле пет натпревари, ние имаме три победи, едно реми и само еден пораз, оној во Копер во 2016 година.

„Секогаш кога ќе дојде 13 октомври се присетувам на тие 4:1 во Крањ во 1993 година, на првиот меч на Македонија, на мојот прв гол и прв гол на Македонија. Тое се посебни емоции, како што изминува времето уште повеќе тие резултати, тие голови добиваат на тежина. Тогаш беа некои други времиња, да, и сега се игра со исти жар за репрезентацијата, посебно оваа генерација го негува тој култ кон репрезентацијата, но пред 25-26 години беше нешто друго. Којзнае можеби оваа генерација ќе ни го донесе најголемиот успех во историјата, верувајте сакам од се срце да биде така“, вели за СПОРТМЕДИА Зоран Бошковски – Чоко, стрелецот на првиот историски гол за Македонија, човекот кој двапати ја победил Словенија.