Еурофарм Работник го чека уште еден тежок дуел оваа сезона во Лигата на шампионите. Покрај пеколното темпо на одигрување на мечевите на двата фронта и заморот кој веќе ги стигна, тренерот на македонскиот вицепрвак, Стевче Алушовски има големи главоболки.

На листата на повредени се најдоа тројца ракометари, Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ нема да му бидат на располагање во новиот обид да ја запишат историската победа во ЛШ.

„Уморни сме и повредени, но спремни за тежок дуел со Кокс. Повредени се Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ и без нив ќе биде исклучително тешко да се игра. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да дојдеме до првата историска победа во Лигата на шампионите. Финците се незгоден противник, го изненадија Татран Прешов пред неколку недели.

Кокс е екипата која три години игра заедно и не смееме ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме. Минатата сезона го изненадија Фленсбург и тоа треба да ни биде предупредување. Сезонава играат со големи осцилации, првите два натпревари играа многу слабо, па го победија Татран. Два тренинзи потрошивме да ги анализираме, а и денес ќе работиме на подготовката на натпреварот. Ако не сме максимално сериозни ќе имаме големи проблеми. Не сакам да звучам песимистички, но претпазлив сум и заради заморот, повредите и патувањата“, изјави Алушовски.

Мечот меѓу Еурофарм Работник и Кокс се игра во недела со почеток во 17 часот.