Грчкиот тенисер, Стефанос Циципас се пласираше во полуфиналето на АТП мастерсот во Шангај, откако приреди сензација. По пресврт го совлада Новак Ѓоковиќ со 2-1, во сетови 3:6, 7:5 и 6:3.

Србинот одлично влезе во мечот, веќе во вториот гејм направи брејк и успеа да го сочува сервисот во седмиот гејм кога грчкиот тенисер имаше шанса да возврати. Без големи проблеми Ѓоковиќ го доби сетот со 6-3 и најави дека ова ќе биде лесен меч.

Но, вака не размислуваше неговиот противник. Грчкиот тенисер сериозно се закани во шестиот гејм од вториот сет кога Ѓоковиќ успеа да спаси две брејк топки. Циципас ја искористи следната шанса, во 12-от гејм, направи брејк и го доби овој сет со 7-5.

Со оваа игра продолжи и во решавачкиот сет, кој му припадна со 6-3.

По овој пораз првото место на АТП листата е под знак прашалник, Србинот може да го изгуби. Во понеделник на најновата листа ќе има само 320 бодови повеќе од Рафаел Надал.