Не е се така идеално во таборот на репрезентацијата на Полска, нашиот утрешен противник во рамките на 8.коло во групата – Г за пласман на ЕВРО 2020. Имено иако се први, иако победуваат се по ред и најверојатно ќе бидат први во нашата група, атмосферата не е баш идеална, има доста критики, има нервоза а и меѓусебна нетрпеливост. Така барем се шпекулира во тамошната јавност.

Имено на удар и натаму е селекторот Јержи Бержичек, за кого се вели дека неговите избранцици не играат на тоа ниво на кое е потребно, а некои велат дека во овие квалификации на некои средби имале и среќа. Секако дека ние добро се сеќаваме како Полска ја победи Македонија во јуни во Скопје. Јавноста, односно медиумите посебно се осврнуваат на настапот на Полска на последниот меч со Летонија, во кој Левандовски постигна хет-три и им донесе триумф на полјаците од 3:0. Сепак играта ни од далеку не била сјајна. Се говори дека има нетрпеливост меѓу напаѓачите, дека проблем е тоа што селекторот Бержичек го става само Левандовски во нападот, а клупата му ја „грее“ еден Пјонтек. Дека нештата не се во ред таму, убаво се гледа од мечот Летонија – Полска каде во одредени ситуации одделни играчи не сакаа да го дадат на друг тој завршен пас, дека играат сами за себе. Се разбира Левандовски е неприкосновен, таму никој не збори критички за него, тој таму е Господ што се вели, но затоа останатите се критикуваат. На оваа тема свој коментар имаше и Збигњев Боњек, претседателот на Фудбалската Федерација на Полска, легендата на нивниот фудбал, и тој рече дека работите мора да се поправат.