Кошаркарите на МЗТ Скопје, тесно, но сепак со победа ја почнаа одбраната на титулата на домашната сцена. Во премиерниот настап од новата сезона во првата лига, аеродромци минимално со 78:76 го совладаа тимот на Кожув на гостински терен.

Во меч во кој присуствуваме на неизвесна завршница, „штрковите“ успеаја да ја надфокнадат негативата од 3 поени со која влегоа во последниот период од натпреварот и на крајот ги прокнижија првите бодови на домашната сцена, по двата успешни настапи во новата сезона од АБА 2 лигата. МЗТ Скопје одигра одлично прво полувреме во кое направи предност од 5 поени, но следуваше очајна трета четвртина по која Кожув се потруди да направи тотален пресврт.

До крајот избраниците на Кочов успеаја да се вратат во ритам, да го решат последниот период со предност од 5 поени и да дојдат до минимална победа. Кај победниците Крстевски со 16 и Дамјан Стојановски со 11 поени беа најефикасни. Кај Кожув прв стрелец беше Караџовски со 15 поени.

Во останатите два досега завршени дуели од 1. коло, очекувани победи на Гостивар и Еуроникел. Гостивар на домашен терен со 95:75 го совлада тимот на ФМП Академија, додека Еуро Никел беше подобар од Вардар на гости со 92:82.

РЕЗУЛТАТИ – 1. КОЛО

Вардар – Еуро Никел 82:92

Гостивар – ФМП Академија 95:75

Кожув – МЗТ Скопје А. 76:78

Куманово – Пелистер 84:79