По три минимални порази (сите натпревари ги загуби со еден гол разлика) Еурофарм Работник шансата да се „скрши“ малерот ќе ја бара попладнево (17 часот) кога пред својата публика го пречекува Кокс во четвртото коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Главоболки за Стевче Алушовски не носат само трите порази во низа во елитата, туку и оние два во СЕХА-лигата, како и листата на повредени која се зголемува, па така денеска нема да може да смета на Ловро Јотиќ, Немања Стјепановиќ и нашиот репрезентативец, Никола Маркоски.

Но, тоа не значи дека „фармацевтите“ треба да кренат бело знаме. Напротив, тие ќе нападнат со сите сили што ги имаат за историска победа во Лигата на шампионите.

А, реално имаат и простор за надеж. Кокс не отскокнува со квалитет, а првата елитна радост ја имаа во претходното коло кога против Татран Прешов славеа со 29:27 пред својата публика. Токму таа победа го смести финскиот тим на 4. место во групата Ц, додека Еурофарм Работник е зад него, но без бодови.