Поранешниот претседател на Милан, Силвио Берлускони, повторно е заинтересиран за враќање во Милан, иако пред извесно време изјави дека сега повеќе не го интересира неговиот долгогодишен клуб. Берлускони кој во моментов е сопственик на италијанскиот третолигаш Монца, вели дека единствениот начин „росонерите“ да ја вратат славата од минатото е тој повторно да го преземе раководството на миланскиот гигант.

Берлускони ги негираше коментарите на спортскиот директор Иван Газидис дека клубот бил пред банкрот пред да дојде „Елиот Менаџмент“. 

„Фразите од тој вид со кои наводно Милан се соочувал со банкрот, се вредни да се кажат само откако некој влезе во тоалет и ја затвори вратата зад себе. Што се однесува до тоа како Милан може да се врати на стара слава, можам да дадам само една опција – јас да го преземам клубот! Ова, се разбира, полесно е да се каже, отколку да се направи“, вели Берлускони, кој исто така даде своето мислење за заедничкиот проект за изградба на нов стадион во Милано меѓу Интер и Милан.

„Проектот е одличен. Се уште се надевам дека може да се најде компромис за да не се уништи Сан Сиро”, изјави поранешниот шеф на Милан.