Новоформираната екипа на ЖОК Вардар 2019 е освојувач на меѓународниот турнир, кој викендов се одржа во Струмица во организација на уште еден дебитант, Струмица Жени

Вардарки, кои ги предводи Горан Славков до пехарот на еднодневниот турнир во полуфиналето со 2:1 славеа над Ваљево, додека во финалето со 3:1 го победија домаќинот Струмица Жени.

ЖОК Вардар е екипа, која сезонава премиерно ќе ја гледаме во најсилната женска домашна лига, но во неа всушност ќе настапуваат одбојкарки кои лани беа дел од тимот на Работнички Жени и кои беа финалисти и во Купот, а се бореа и за шампионската титула.

Покрај Славков на клупата како главен адут на екипата се искусниот примач Сандра Георгиевска и либерото Емилија Попјордановска, која ланската сезона настапуваше во Романија.