Пишува: Зоран Ѓоршоски

После Словенија еуфорија, после Полска тотално разочарување, гнев, деприминираност. Тоа е така со фудбалската јавност во Македонија. Ако по тие 2:1 со Словенија нашите репрезентативци беа „најдобри“ во светот, после Варшава тие се за „никаде“, за ништо не ги бива. Но рековме, така е тоа во фудбалот. Реално, објективно, оваа репрезентација не може и дефинитивно да се носи со Полска и Австрија, тоа се виде и во Скопје.

Полјаците играле слабо, па се плашеле од нас, па Елмас ќе ги среди, но ајде да бидеме објективно, и кога се слаби тие победуваат, а камо ли да да одиграат подобро. Ние квалификациите ги загубивме на тие два јунски меча во Скопје. Убаво кажа Стефан Ристовски, не можеш да бркаш пласман на ЕВРО без да победиш некоја голема, силна селекција во групата. А ние тоа во овој момент не го можеме, можеби звучи прегрубо, но така е. Наш лимит во овој момент се Словенија, Израел…, па и тоа не е лошо, најлошо. Само сетете се каде бевме пред неколку години, кога нас селекциите од третата категорија ни беа проблем, и не се  само проблем, туку губевме. Затоа нема простор за тотално разочарување, посебно ако во тимот ги немаш еден Адеми, Тричко, Барди, Велковски. Се разбира дека некои работи треба да се променат, само да биде подобро, некои работи навистина а се очигледни, треба да се кажат во лице. Само во интерес на репрезентацијата, во интерес на Македонија. Не е ни време за детали, поубаво е да легнат емоциите, со ладни глави да се анализира што и како. 

Затоа сега најдобро е да се види како со Австрија, таму и дефинитивно ќе одиме со „вториот“ состав, ќе недостигаат неколкумина клучни играчи, но не смееме така лесно да ја пропуштиме шансата за тоа трето место. Тоа трето место ќе биде наш најдобар пласман во историјата. 

Па потоа одиме со мислите, со сите мисли, со сиот арсенал во битка во Лигата на Нации против Косово. Таму е нашата историска шанса. Совет за тие што се прават и што се правиме после битка „добри“ генерали, да почекаме до пролет. Е таму веќе ќе нема изговори, таму мора да се помине тој бараж и мора да одиме на ЕВРО 2020 преку вториот колосек. Тоа е нашата историска шанса…