Манчестер Јунајтед веќе на големо мисли на зимскиот преоден рок. Иако на големо се најавува смената на Оле Солскјер и доаѓањето на Масимилијано Алегри сепак тоа нема да се случи.

Норвежанецот ќе добие шанса, но и пари за засилувања, а прв на листата е Марио Манџукиќ. 33-годишниот хрватски напаѓач кој е втор план во Јувентус е близу до потпис со тимот од „Олд Трафорд“.

Според „ESPN“ двете страни веќе стапиле во контакт, а челниците на клубот му порачале на Манџукиќ дека ќе мора да се согласи на помала плата за да се реализира трансферот.

Во Јувентус, Хрватот заработува околу 4,5 милиони евра годиношно, но Јунајтед не се подготвени да му дадат толкава сума, особено ако се земе во предвид дека треба да платат 10 милиони евра за откуп на неговиот договор.

Манџукиќ во својата кариера има играно за Баерн, Волфсбург, Атлетико, а од 2015 година е член на Јувентус.