Утре во Тетово, со почеток од 14:30 часот на Градскиот стадион или „Еколог Арена“, Шкендија го дочекува составот на Академија Пандев. Со овој меч се отвара 10.коло или прво во втората фаза од шампионатот во ПМФЛ. Интересно е тоа што свое деби на клупата на шампионот ќе има Ернест Ѓока, новиот стратег на Шкендија кој дојде да го спасува шампионот по катастрофалните игри и резултати во изминатите девет кола. Се разбира дека од Ѓока се бара само победа и ништо друго, Вардар „одлета“ на +9 бодови и време е шампионот да проработи, да го искаже сиот свој квалитет. Да потсетиме дека во паузата, Шкендија во Косово против Дрита од Гњилане одигра пријателска средба и победи со 4:0.

Инаку Ѓока на утрешниот меч нема да може да смета на сиот свој расположив играчки кадар, поради пет жолти картони во „аут“ е Стенио Маркос Жуниор, еден од клучните играчи на тетовци. Исто така интересно е да се види дали новиот стратег ќе му даде шанса на Хуан Фелипе да биде стартер, или одново летното големо засилување во Шкендија ќе биде на клупата.