Дејвид де Хеа и Пол Погба сигурно ќе го пропуштат неделното дерби со Ливерпул во англиската Премиер лига. И двајцата се повредени и лекарите не дозволија да бидат вклучени во тимот кој треба да го пречека лидерот на табелата.

Де Хеа беше принудно заменет за време на европските квалификации меѓу Шпанија и Шведска, откако доби повреда во 60. минута од средбата. Повредата на Де Хеа значи дека Серхио Ромеро ќе го направи своето деби на голот на Манчестер Јунајтед оваа сезона во Премиер лигата. Аргентинецот во текот на оваа сезона настапи само на средби од Лигата на Европа и Лига Купот на Англија.

Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскјаер, во исто време потврди дека на Пол Погба ќе му требаат уште неколку недели за да продолжи со тренинзите и да биде достапен за тренерскиот штаб.