Претставници од Првата ракометна лига и Втората кошаркарска лига заедно го креваат гласот за проблемот за спортскиот ваучер и стопирањето на процедурата за негово исплаќање. АМС првично вети дека истиот ќе биде исплатен до 15 септември, но откако тој не беше реализиран и кошаркарите и ракометарите имаа разбирање и оставија дополнителен простор од еден месец, но и натаму нема ништо.

И едните и другите се решени на бојкот како во Првата лига ракомет, така и во Втората лига кошарка, а исто така ќе ги стопираат и активностите во младинските категории (младинци, кадети, пионери). Тие побараа поддршка и од клубовите во најсилните лиги да се заземат за нив.

Бараат најдоцна следната седмица да ни доделат ваучери кои им се ветени, во спротивно ќе нема ниту ракомет, ниту кошарка.

„Заедно влегуваме во проблемот за спортскиот ваучер и стопирањето на процедурата за негово исплаќање, кој се ветува од февруари. Сведоци сме на една политичка сапуница од страна на политичките партии каде спортот го искористат како алатка за пазарење. Време е да седнат и да го решат проблемот со спортот. Апелираме дека проблемот мора да се реши во брзо време. Сите сме на работ на егзистенција“, порача претставникот на ракометните клубови Дарко Петровски.

Ракометарите се подготвени по завршување на првиот круг на натпреварување, кој го одиграа само поради гаранциите од АМС и помошта од РФМ, која им ги укина судиските и делегатските такси, додека кошаркарите воопшто и нема да го започнат натпреварувањето.

„Влегуваме во заедничка битка со ракометарите, откако реализацијата на ваучерите е стопирана од политички игри. Интерно второлигашите имавме состанок и донесовме одлука за која ја информиравме и КФСМ и АМС. Како никогаш досега сме сложни и остануваме така до крај се додека оваа неправда не се исправи. Кошарката не е само Првата лига, туку и Втората лига и младинките екипи. Многу репрезентативци кои забележаа значителни успеси играа во овие екипи и ако нешто треба да се корегира, тогаш со големо право заслужуваме да добиеме ваучер“, заклучи Благоја Кечовски, претседател на Здружение на второлигаши при КФСМ.