Европскиот првак Вардар има негатива од 21:17 по првите 30 минути против унгарскиот првак Веспрем во 5. коло од групата Б во Лигата на шампионите.

Вардарци немаат решение за кружниот напаѓач на Веспрем, Андреас Нилсон, кој имаше беспрекорен учинок од 6/6, како и Мануел Штрлек и Лауге Шмидт со по четири погодоци, додека Арпад Штербик на голот имаше шест интервенции. Одбраната комплетно затаи со оглед на тоа дека „црвено-црните“ примија дури 21 гол за едно полувреме.

Вардар ја имаше иницијативата во воведните пет-шест минути, за потоа Веспрем со серија од 4-0 да дојде до предност од 6:4, додека највисокото водство го имаше со пет гола (12:7, 21:16).

Тимур Дибиров и Кристијан Дисингер се играчите кои ја имаа иницијативата во овој период од мечот, па и го вратија Вардар на два гола негатива (17:15) пред новиот налет на унгарскиот шампион и предноста на полувремето.