Новиот стратег Зоран Кастратовиќ победнички дебитираше на клупата на Металург и тоа на гостувањето кај Пелистер во Битола, 27:24 (15:11).

„Металурзите“ имаа одличен старт, односно по 2:2, врзаа серија од 6-1, која им донесе водство од 8:3, а таквата комотна предност повеќе или помалку ја одржуваа до крајот на првиот дел (15:11).

Второто полувреме не донесе ништо ново. Металург влезе сигурно, со нова серија за највисоки 20:12, а потоа и рутински го сведе мечот до крај.

Томислав Јагуриновски и Реваз Чантурија со по шест погодоци беа најефикасни кај Металург, додека Стефан Талевски со седум гола беше прв стрелец за Пелистер.

Во првиот суперлигашки меч денеска, пак, Пролет со 38:27 (18:15) славеше над Вардар Јуниор. Гостите немаа посериозни проблеми иако младите вардарци понудија посериозен отпор во првото полувреме.

Сепак екс вардарецот Мартин Поповски со 11 погодоци и капитенот Андоновски со 10 беа оние кои го водеа Пролет до нова победа. Кај Вардар Јуниор Стефан Крстевски постигна 8 гола.