Паднатиот италијанскиот Милан сака да се врати на славните патеки, а е свесен дека за тоа е потребно светски познат тренер, добар менаџмент и секако добри играчи. Клубот од „Сан Сиро“ ги посакал Пеп Гвардиола за тренер и Марк Овермарс од Ајакс за позицијата спортски директор, тврди шпанскиот „Мундо Депортиво“.

Елиот Менаџмент кој е сопственик на Милан е фрустриран што клубот не се помрднува од место иако летоска беа направени играчки и тренерски рокади, а експериментот со Џампаоло не успеа, па сега екипата ја води Пиоли. Но тој повеќе е како в.д. тренер затоа што клубот сака квалитетен стратег и познат во светот.

Желбата е Гвардиола чиј договор со Манчестер Сити истекува во јуни 2021 година. Малдини и Бобан беа ѕвезди во Милан но неискусни за директорските позиции, па затоа Овермарс кој работи одлично во Ајакс, клубот полигон за млади фудбалери, е нивната желба. Сепак, тој има договор со амстердамскиот клуб до 2024 година па ќе биде малку потешко за реализација на оваа зделка.

А и Гвардиола би го преземал Милан само ако клубот почне да работи здраво и да троши сериозни пари за добри играчи, а не за експерименти.