Уште пред две – три недели СПОРТМЕДИА најави дека ако Александар Влахо не успее да освои шест бодови од средбите со Ренова и Струга ТЛ, ќе мора да ја напушти тренерска клупата на Работнички. Првата „мина“ ја прескокна, но затоа вчера со стружани загуби, и веќе беше јасно дека тој е веќе екс – стратег.

Дојде на 26 јуни во клубот од Градски парк. Од него очекувањата беа големи, работел во познати клубови како асистент на трофејниот Гоце Седлоски. Сака да работи со младите, речиси беше идеален за тренер на Работнички. Претседателот Драган Поповски во него имаше голема доверба. Секако дека доби млад, доста изменет тим за разлика од минатите сезони. Но секако дека никој, па ни тој а уште помалку Поповски, претпоставуваше дека билансот ќе биде лош, да не кажеме очаен. Работнички од 1999 година кога влезе во елитата, никогаш, ама никогаш по десетото коло не бил последен.

И затоа Влахо не е веќе тренер на Работнички. Неговиот биланс е 116 денови престој во клубот од Градски парк, десет првенствени меча, само три победи и сите дома, дури шест порази и едно реми со гол разлика 8:13, доволно само за последното, десето место со само 10 од можни 30 бодови. Во Купот Работнички со него го победи Влазерими со 4:0 во 1/16 финалето, а во 1/8 финалето на првиот меч во Битола кај Пелистер беше 1:1.

СИТЕ МЕЧЕВИ НА ВЛАХО:

Струга ТЛ – РАБОТНИЧКИ 2:1

РАБОТНИЧКИ – Шкупи 2:0

Вардар – РАБОТНИЧКИ 2:0

РАБОТНИЧКИ – А.ПАНДЕВ 1:2

Шкендија – РАБОТНИЧКИ 3:0

РАБОТНИЧКИ – Македонија ЃП 1:0

Борец – РАБОТНИЧКИ 1:1

Силекс – РАБОТНИЧКИ 1:0

РАБОТНИЧКИ – Ренова       1:0

РАБОТНИЧКИ – Струга ТЛ 1:2

ВКУПНО:      10    3      1      6      8:13