По три последователни порази, фудбалерите на Милан, конечно, беа на чекор да ја почувствуваат радоста на победата. Во последниот денешен меч од 8. коло во Серија А лигата, „росонерите“ до 92. минута од средбата имаа предност против екипата на Лече со 2:1, но на крајот не успеаја да се радуваат.

Голот на Полјакот Пјонтек на 9 минути пред истекот на регуларните 90 минути не му донесе радост на „Сан Сиро“. Милан, дозволи во дополнителните 6 минути да прими гол и да остане со само еден бод од дуелот со Лече.

„Росонерите“ поведоа со голот на Чалханоглу по 20. минути игра, но упорните гости кон средината на вториот дел успеаја да дојдат до пенал, кој Бабакар најпрвин го промаши, па потоа успеа да се поправи и да погоди за израмнување на 1:1.

Пјонтек погоди за нова радост за домашните во 81. минута, но гостите покажаа дека не треба предвреме да се отпишуваат. Калдерони погоди во продолжението за конечни 2:2.