Англиските фудбалери се жалеа на расистичките скандирања за време на натпреварот со Бугарија во Софија од квалификациите за ЕП 2020. Тие се чувствуваа згрозени од тоа што се случува на стадионите, посебно кога гостуваат на Истокот на Европа. И додека се жалат до УЕФА и бараат пожестока борба со расистите и фашистите, во сопствената држава им се случува истото.

Денеска средбата од четвртиот квалификациски круг од Купот на Англија помеѓу Харингеј Бороу и Јеовил е прекинат поради расистички скандирања. Гостите од Јеовил воделе со 1:0, кога двобојот бил прекинат во 64 минута.

Единствениот гол паднал од пенал, по што почнале проблемите. Имало долг прекин поради тоа што навивачите од трибините на расна основа го навредувале голманот на Харингеј Даглас Пајатат. Но не само што го навредувале туку и го плукале и го мавале со предмети.

Играчите на Харингеј одбиле да го продолжат натпреварот и се повлекле во соблекувалната, а во знак на солидарност истото го направиле и фудбалерите на Јеовил.