Бока или Ривер? Кој во финалето на Копа Либертадорес. Тоа ќе го дознаеме околу 4.30 часот наутро. Предност има Ривер затоа што на првиот полуфинален натпревар на својот „Монументал“ обезбеди предност од 2:0, па сега на реваншот треба да ја сочува. На Бока и треба чудо – да победи со три гола разлика, во случај на идентична победа ќе се шутираат пенали.

А тимот што ќе се пласира во финалето на најквалитетното натпреварување во Јужна Америка ќе инкасира 6 милиони долари, а тој што ќе победи ќе добие 12 милиони долари и ќе се пласира на Светското клупско првенство.

За разлика од минатата сезона кога во контроверзен двомеч помеѓу Ривер и Бока титулата ја однесоа „милионерите“ (реваншот се играше во Мадрид поради немири во Буенос Ајрес), сега финалето ќе се одигра на 23 ноември и тоа ќе биде еден натпревар на „Националниот стадион“ во Сантијаго, Чиле.

Ривер е во супер серија. Нема пораз од полуфиналето во 2018 година кога Гремио триумфираше со 1:0 на „Монументал“. Од тогаш „милионерите“ направија серија од 14 меча без пораз – три од нив против Бока. А и нивниот тренер Марсело Гаљардо е пред предизвик – кога и да се соочил со аргентински ривал во полуфиналето на Копа Либертадорес – испаѓал, а никогаш не победил на „Бонбоњера“ во тоа натпреварување.

Бока најави ултра напаѓачка постава. А нема што да брани, мора да ја анулира негативата против лутиот ривал. Бока до ова полуфинале стигна со скор од 6-3-2. Пред дуелот со Ривер единствениот пораз го имаше од Атлетико Параненсе во групата (3:0). Но затоа му се реваншира на истиот ривал во осминафиналето со две победи (1:0 и 2:0).

Тренерот на Бока Густаво Алфаро изјави дека ова му е најважниот меч во кариерата. И секако ВАР ќе биде присутен доколку има спорни моменти.

СТРОГИ БЕЗБЕДНОСНИ МЕРКИ

Поучени од минатата сезона полицијата е комплетно ангажирана за овој дуел. Специјални единици ќе бидат распоредени на трибините, околу стадионот има огромен број на полицајци (вкупно внатре и надвор 2300), а 50 од нив патролираат со мотори.

 

КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

ПОЛУФИНАЛЕ (РЕВАНШИ)

СРЕДА
БОКА  – РИВЕР  2.30 ч.
Прв меч: 0:2
ЧЕТВРТОК
ФЛАМЕНГО – ГРЕМИО  2.30 ч.
Прв меч: 1:1