Првиот пријателски натпревар во ЕХФ неделата машката ракометна репрезентација го игра попладнево (17:30 часот по македонско време) против Турција во Ескишехир.

Селекцијата која ни беше противник и во квалификациите за ЕП 2020, сега ни е спаринг-партнер преку кој селекторот Данило Брестовац ќе ги тестира надежите на А тимот, со оглед на тоа дека со значајно изменет и подмладен тим влегува на овој натпревар.

„Имавме проблем да ја победиме Турција и кога игравме во Битола и на гости во квалификациите со најдобриот состав. Многу е тешко, јас секојпат сакам да победам, но сега ми е потребно да јас поделам минутажа и да ги искористам играчите на позициите на кои ми се потребни за ЕП. Ќе биде тешко да се усогласат тие работи – победа и проверка на тоа колку и на кого можам да сметам на некоја позиција. Во клубовите имаат други улоги, а тука ќе мора да се адаптираат на она што го бара репрезентацијата. Сигурно дека имаат квалитет затоа се повикани, млади се, ќе сакаат да се докажат и кога сето тоа ќе го ставиме на кантар мислам дека треба да биде добро. А овие дуели со Турција и Италија ќе ни покажат колку е тоа добро“, изјави селекторот Данило Брестовац во пресрет на дуелите во Ескишехир.

Покрај Турција, Македонија ќе одигра и пријателски меч со Италија, утре (16 часот), на кој нашиот селектор ќе тестира на кој, колку ќе може да смета за ЕП кое не очекува во јануари во Виена.