Довчерашниот стратег на Левски Георги Дерменџиев е назначен за нов селектор на фудбалската репрезентација на Бугарија. Тоа се случи на Вонредното заседание на Бугарскиот фудбалски сојуз.

По поразот од Англија на домашен терен Красимир Балаков поднесе оставка, а по него и првиот човек на БФС Борислав Михајлов па за в.д. претседател до наредните избори е именува Михаил Касабов. На денешното заседание БФС го назначи Дерменџиев за селектор на шест месеци со можност договорот да биде продолжен на две години.

Дебито на новиот селектор ќе биде во пријателскиот меч со Хаити на 13 или 14 ноември. Потоа го очекува последниот квалификациски меч за ЕП 2020 со Чешка и финале во Лигата на нациите, преку која Бугарија има шанса да се пласира на Европското првенство.

Дерменџиев е познато име во бугарскиот фудбал. Претходно доби отказ од Левски каде работеше само три месеци, а имаше одлични резултати со Лудогорец со кого трипати беше шампион на Бугарија, а го однесе овој клуб во групите на Лигата на шампионите, а во октомври 2014 против Базел беше првиот бугарски тренер кој остварил победа во групите на ЛШ.