Пред точно 37 години, во далечната 1982 година, беше пуштен во употреба Градскиот стадион во Тетово. Модерно здание, налик на оној стадион во Крушевац, важеше за најубавиот стадион во Македонија, па и пошироко во екс СФРЈ. Се играа натпревари и од Првата лига во тогашната земја, гостуваа Партизан, Динамо Загреб. А Вардар во неколку наврати беше домаќин под Шара. Мераци…

И одтогаш па до сега, во тие 37 години ниту една шајка нема заковано, ни абер нема да се реконструира, модернизира. Тука не ги сметаме поставените рефлектори кои никако да се употребат, и секако теренот кој важи или важеше за еден од подобрите во земјата.

БЕЗ ВОДА ВО СОБЛЕКУВАЛНИТЕ…

Е сега тој стадион, од гордост на Тетово, на фудбалска Македонија, стана срам. Навистина непријатно е да се отиде таму да се гледа натпревар, нема пристојни тоалети, санитарни чворови, потоа нема вода, да не говориме за тоа дека овој стадион веројатно е единствениот на кој нема посебен простор за новинарите. Кој сака да седи ќе мора тоа да го прави на бетон, да, на бетон. А тука во самостојна Македонија, од 1992 па до сега, играа и играат една Шкендија, Тетекс, Ренова. Овие екипи освоиле четири шампионски титули, неколку куп трофеи, настапувале во Европа, но никогаш не играле на овој стадион европски мечеви.

Во градот Тетово се менуваа низ годините повеќе политички партии на власт, се менуваа луѓето кои раководеа со стадионот, но на никого не му текна, или никој не сакаше или не можеше да го „нашминка“ малку овој стадион. Замислете, во соблекуалните, кои наликуваат на се само не на вистински соблекувални, нема вода, или барем ретко ја има. Кога е студено со греалки се топлат, нема тушеви, а таму игра една Шкендија. Во тој клуб има и имаше играчи кои вредат или  вредеа стотина илјади евра. Играчите на Шкендија, Тетекс и Ренова, по завршување на мечот мораат така испотени да излегуваат од стадионот и да се пресоблекуваат во блиските клупски простории. Навистина жално. 

 

Имаше повеќе најави дека Градскиот стадион во Тетово ќе се модернизира, дека целосно ќе се реконструира, се вадеа макети на тоа како тој во иднина ќе изгледа. Но денеска е 22 октомври 2019 година, а тој нов, модерен, реконструиран стадион, не го гледаме под Шара. 

И секако за крај, да споменеме за условите кои ги нуди овој стадион за гледачите, фудбалските фанови. Е па не нуди речиси ништо, освен искршени столчиња, освен прљавштина, освен…да ти се одмили и фудбал и навивање и посета на трибините.

Минаа 37 години, гордоста на Тетово сега е срам за градот под Шара…