По животот во Скопје и Келце, хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ полека се адаптира на Барселона, каде во следните две сезони ќе го носи дресот на каталонскиот гигант.

Покрај тоа каков е животот во Барса, Циндриќ открива и дека квалитетот на шпанската ракометна лига е на ниско ниво и дека тренинзите на екипата се посилни од натпреварите во АСОБАЛ-лигата.

„Лигата е одлична за докажување на млади играчи и во споредба со Македонија и Полска, таа е добра ’отскочна’ штица. Ние доста лесно ги решаваме противниците, па секој добива 15-20 минути за игра. За жал, тренинзите на Барселона се посилни отколку натпреварите во АСОБАЛ-лигата. Затоа кога играме на домашен терен нема многу публика, но ги полниме салите кога играме на гости“, објасни Лука Циндриќ.

Она на што Хрватот не може да се навикне е што тренинзите се сфаќаат како работа и нема многу дружење пред или по нив.

„Менталитетот не е како нашиот. Тренингот го сфаќаат како работа и потоа секој си оди дома. Ми недостасува тоа дружење. Најмногу се спријателив со Палмарсон. Тој е некако најотворен“, призна хрватскиот репрезентативец.