По три кола во АБА 2 лигата, МЗТ Скопје и Борац се единствените два тима без пораз. Токму дуелот меѓу нив ќе го даде лидерот во ова натпреварување, двата тима денеска (18 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе ги одмерат силите во рамките на 4. коло.

Македонскиот првак одлично ја почна сезоната на двата фронта. Во второлигашкото јадранско друштво забележа три победи, додека во домашниот шампионат има „два од два“.

До сега речиси сите противници беа под нивото на израбниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, па токму пресметката со Борац ќе биде тест за вистинските сили на тимот од Аеродром.

„Според мене, екипата на Борац Чачак е еден од најголемите фаворити во АБА2. Го задржаа костурот од минатата сезона, плус донесоа неколку квалитетни засилувања, а играчите за тренер имаат доскорешен соиграч. Споредено со нашиот тим, гостите во мечот влегуваат како фаворити, но без разлика тоа, очекувам тврд меч во кој моите кошаркари ќе треба да го дадат својот максимум. Само тоа е начинот до евентуалната победа. Се надевам дека на овој дерби-дуел ќе ја имаме и поддршката од нашите симпатизери и навивачи, кои во далеку поголем број од досега ќе дојдат да ни помогнат во овој исклучително тежок натпревар за нашиот тим“, рече Кочов пред мечот.

МЗТ Скопје и Борац имаат одиграно два натпревари, и двата тима беа подобри пред своите фанови. Но, за разлика од противникот македонскиот првак на домашен терен лани во октомври забележа убедлив триумф од 82-57.