Манчестер Сити ја демолира Аталанта во Лигата на шампионите со 5:1, но и покрај тоа менаџерот на англискиот тим Пеп Гвардиола смета дека неговиот тим тешко се носел со тимот од Бергамо. Аталанта поведе на „Етихад“, но „граѓаните“ со два гола на Агуеро и три на Стерлинг го потонаа противникот. Во второто полувреме едноставно го зашеметија гостинскиот тим.

„Знаевме дека Аталанта може да ни направи проблеми. Постојано имаше шанси на двете трани. Тие знаат што да прават кога ја имаат топката во нозе и како да се постават кога противникот напаѓа. Не попусто се во ЛШ“, вели Гвардиола кој подели комплименти.

„Тие играат посебен фудбал, тоа не е италијански стил. Видовме дека водеа 3:0 против Лацио, но натпреварот заврши 3:3. Тие ја победија Рома пред две недели. Затоа им ја честитам победата на моите играчи, но искрено беше многу тешко. Сега ни е потребна уште една победа за да се квалификуваме понатаму, па се надевам дека тоа ќе го направиме уште идното коло“, изјави шпанскиот стратег.