Манчестер Јунајтед победи во Белград, Јанг Бојс го надиграа Феенорд, Рома водеше против Менхенгладбах но ги испушти бодовите буквално во последната секунда, а Волфзбергер за малку ќе направеа уште една сензација… Тоа се само дел од натпреварите од 3. коло во групната фаза на Лигата на Европа.

Во Белград интересен и динамичен натпревар, а пред преполн стадион фудбалерите на Партизан не успеаја да го изненадат големиот Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ славеа со 1:0 со голот на Антони Марсијал во првото полувреме. Инаку и на двете страни се тресеа стативите, а играчите во црно-бело преку Сума имаа супер шанса во второто полувреме но голманот Ромеро одбрани.

Во оваа група АЗ ја победи Астана со 6:0 што беше нивна прва победа во групата, но и скок на второто место со пет бода. Јунајтед е прв со седум, а Партизан е четврти со четири, додека Астана има нула.

Јанг Бојс го совладаа Феенорд со 2:0 на свој терен. И двата гола паднаа од пенал и тоа во првото полувреме. Холандскиот великан го расипа впечатокот од победата над Порто во претходното коло, а со овој пораз расте притисокот врз тренерот Јап Стам затоа што не му оди ни во првенството.

А во оваа група Г, Порто и Ренџерс одиграа 1:1, па така Швајцарците се први на табелата, Шкотланѓаните се втори, португалската екипа трета, а тимот од Ротердам последен.

А Рома поведе против Менхенгладбах со голот на младиот Николо Заниоло. Германците се извлекоа во 93 минута од мечот со погодок на Ларс Штиндл од пенал. Рома се искачи на чело со 5 бода, а во оваа група Башакшехир со гол на Кавечи во 78 минута го скрши отпорот на австриски Волфзбергер. Овие два тима имаа по четири бода, а Борусија има два.

Да ја споменеме и победата на Ференцварош на гостувањето кај ЦСКА Москва со 1:0 со погодокот на Варга во финишот.