Македонската футсал репрезентација вечерва (20 часот) против Словенија во СЦ „Јане Сандански“ ги започнува натпреварите од квалификацискиот турнир за пласман во елитна фаза квалификации за СП 2020. година.

Нашата селекција е во група со Словенија, Косово и Украина. Топ фаворит е украинската репрезентација, а целта за Македонија е второто место во групата кое носи пласман во главната квалификациска фаза за пласман на футсал мундијалот идната година.

Капитенот на македонската футсал репрезентација, Зоран Левески вели дека против Словенија треба да бидеме доволно трпеливи и да ја чекаме нашата шанса.

“Свесни сме каков натпревар не очекува вечерва против Словенија. Овие неколку денови од подготовките работевме напорно и ќе се обидеме силно да се спротивставиме на Словенија и покрај проблемите со повреди на одредени наши играчи со кои се соочуваме.
Треба од почеток да бидеме трпеливи и да ја чекаме нашата прилика, но и доволно агресивни, посебно во одбрана. Верувам дека имаме шанса против Словенија, од нас може да очекувате труд и големо залагање.
Атмосферата во репрезентацијата е на високо ниво, одлично се познаваме во тимот, заедно сме неколку години и се надевам дека со правилен пристап ќе одиграме добар натпревар”, изјави Зоран Левески.

Влезница за натпреварувачки ден од турнирот кој го организира Фудбалската федерација на Македонија изнесува 100. денари, а може да се купи на билетарата веднаш до малата сала во СЦ „Јане Сандански“.