Селекцијата на Македонија запиша уште еден убедлив пораз во квалификациите за Светското првенство во футсал. По вчерашниот пораз од Словенија со 1:6, денеска нашата репрезентација изгуби од соодветната репрезентација на Косово со 5:7.

Катастрофален настап, погрешни додавања еден „тон“, многу дупки во одбраната кои гостите максимално ги казнуваа… Па дури и нивниот голман ни даде гол…

По првото полувреме Косово имаше 4:2, резултат кој наговестуваше уште една катастрофа. Но нешто се смени на почетокот на второто полувреме. Избраниците на Божовиќ како да ги фати инает и тргнаа во офанзива која вроди со плод. Во период од седум минути (20-27 мин) направија пресврт. Прво намали Зибери, потоа Агуши изедначи, а Адријан Мицевски постигна прекрасен гол за 5:4. И кога се чинеше дека ова ќе биде наш триумф, повторно нашите ги фати летаргија, немоќ…

Косовскиот голман Алфред Пренки ја најави победата на гостите, не со свои фантастични одбрани туку со прекрасен гол. Тој стигна до нашата половина и со силен шут од далечина погоди за 5:5.

А потоа падна срам во последните две минути. По наша грешка на средината, Косоварите тргнаа во контра која во гол ја претвори Ќерими, а само една минута подоцна грешка во нашиот напад, голот остана празен, а Топилија од својата половина ја испрати топката во мрежата. Конечни 5:7 за Косово.

 

Следниот меч за Македонија е со Украина, а за тој меч веројатно нема да сметаме на Мицевски кој поради повреда го напушти теренот.

Македонија има нула бодови, Косово сега има три, а Украина и Словенија вечерва го играат својот дуел (и двете репрезентации имаат по три бода).