Кил и Бохум го отворија 11. коло во Втората германска лига, а за мечот во северна Германија ќе се зборува во наредните денови поради контроверзниот, бизарен пенал досуден во 38. минута.

Истиот го направи резервниот играч на домашниот тим Михаел Ебервајн кој во тој момент не беше на теренот туку се загреваше позади голот во тренерки, а додека се истегнуваше топката одеше кон него. Во желба да му ја олесни работата на домашниот голман, тој ја запре топката, а главниот судија по интервенција на ВАР покажа на белата точка. Се работи за правило кое во Германија е воведено во 2017 година и вели дека со најстрога казна се казнува секој „контакт на топката од трето лице во шеснаесетникот“.

Ебервајн доби жолт картон, а Џанвула го изведе пеналот и донесе изедначување за Бохум. Сепак, Кил даде уште еден гол и победи со 2:1.