Со три победи, две над Грузија, една над Турција и едно реми со Италија, машката сениорска репрезентација на Македонија ја затвори ЕХФ неделата. Селекторот Данил Брестовац оваа седмица ја искористи како почетна станица на подготовките за ЕП 2020, а главна улога им додели на младите репрезентативци.

„Сликата за секој репрезентативец посебно е поширока и сега точно знам кој колку може да даде и да придонесе. Така и ги поделив улогите, секој на онаа позиција на која што сметав дека ќе ми треба, не само за овој и за следниот собир и ЕП, туку и за подалечна иднина. Мора да бидеме реални дека момците за овие четири натпревари сакаа да покажат дека заслужуваат да го носат дресот на оваа репрезентација. Со ова што го видов на овие четири натпревари, јас мислам дека конкуренцијата полека, полека се заострува и можеби не за следната година, но за две-три ќе биде и предизвик и чест да се игра за оваа репрезентација. Ќе продолжиме со теркот да имаме вака почесто собири и натпревари. Не знам како личи од страна, но за мене сетоо тоа е можност да се одигра на високо ниво, да се пробаат некои варијанти, можност да се отиде и чекор понапред. Можам да кажам дека имаме фонд на играчи со кои секој може достојно да се замени во селекцијата. Жалам само што немаме малку повеќе време до ЕП за да одиграме повеќе вакви натпревари. Сето тоа ќе го оставиме на нашите анализи“, изјави селекторот Данило Брестовац.

На прашањето дали сме покриени на сите позиции и дали повеќе стравува за нападот или за одбраната, селекторот вели:

„До 1 јануари, пред да заминеме на подготовки во Словенија, ќе ја најдеме вистинската комбинација. Базата ја имаме, имаме играчи во ротација, секој секого може да замени. Мали проблеми во фаза на организација на играта, но имаме решение и за тоа. Пред ЕХФ неделата мислев дека по заминувањето на Велко Маркоски дека одбраната сериозно ќе „шкрипи“, но сега се покажа дека младите се една борбеност, со желба и жар, ќе го надополнат тоа што го немаат како искуство и дека ќе може соодветно да затворат.“