Третото коло во Првата кошаркарска лига ќе се комплетира во еден ден, нешто што ретко се случува.

По дербито во Гостивар, се очекуваше слично сценарио и во Гевгелија. Но, Кожув едноставно не му дозволи на Еуроникел да помисли на победа.

Одличната игра во одбраната во првото полувреме, на гевгеличани им донесе лесни два против кавадарчани, славеа со 86-61 (16-14, 27-15, 22-21, 21-11) за втора победа сезонава, а на противникот му го нанесоа првиот пораз.

Избраниците на Александар Јончевски, по 16-14 во првата четвртина, во следниот период постигнаа 27 поени наспроти скромните 15 на гостите. На одморот беше 43-29. Кавадарчани имаа неуспешен обид да се вратат во продолжение.

Еван Пејн со 23 поени беше лидер кај Кожув, зад него беше Бојан Трајковски со 18 поени и 7 скока, кај Еуроникел Александер Марцет имаше 20 поени.

На претпоследната средба од третото коло, Пелистер стигна до првата радост оваа сезона, беше убедлив на дуелот против дебитантот, Академија ФМП со 93-77.