Репрезентативниот бек Мартин Велковски имаше лош пад по само 20 минути од вториот пријателски меч против Грузија. Но, за среќа тој мина без посериозни последици.

Информациите од националниот тим велат дека репрезентативецот бил малку зашеметен од падот и дека заработил оток на аркадата и потсекотина на очниот капак, но дека се чувствува добро. Ќе се следи неговата ситуација во следните 24 часа, за случајно да не претрпел и мал потрес.

„Сега се чувствувам добро. Немам болки, само оток на главата од падот. Ќе видиме утре како ќе биде. Можно е да направам и снимка, да видиме некој мал потрес да не има“ – изјави за СПОРТМЕДИА, Мартин Велковски.

Дека жали што рано во натпреварот останал без бекот потенцираше и селекторот Данило Брестовац.

„Штета што Велковски денеска се повреди и не можеше да даде свој придонес во мечот како вчера кога одигра еден прекрасен натпревар по паузата. Му беше потребен уште еден во континуитет. Секако дека и понатаму ќе сметам на него.“