Џенова по подолго време им се врати на победите, на домашен терен ја совлада Бреша со 3-1 во дебито на новиот тренер, Тиаго Мота. Капитенот на нашата најдобра фудбалска репрезентација, Горан Пандев стави печат на победата, го постигна третиот гол за својот тим.

Пандев влезе во 58. минута, неколку минути подоцна неговиот тим израмни на 1-1, а потоа направи целосен пресврт.

По завршување на мечот нашиот фудбалер не криеше дека силно ја посакувале победата, тој имаше и свој коментар за новиот тренер, кој е негов поранешен соиграч од најдобрите времиња во Интер.

„Силно, по секоја цена го посакувавме овој триумф. Во првото полувреме како да бевме уплашени, но во продолжение нашиот квалитет излезе на површина. Тоаго Мота? Среќен сум, го немав видено со години, но тој е добар пријател и голема чест е што го имаме меѓу нас. Заедно ги минавме најдобрите моменти во нашите кариери, се надевам дека во тоа ќе успее и како тренер“, рече Пандев, а потоа се пошегува на прашањето на новинарите како ќе го вика Мота: Секако, тренеру“.