Македонија со победа над Грузија 29:28 (17:14) и во вториот пријателски натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ја заокружи ЕХФ неделата, во која главна улога им беше доделена на (по)младите репрезентативци.

Крилото Мартин Поповски вторпат во пет дена е херојот на Македонија. Тој беше побрз од сирената и погоди за победа на нашиот тим, откако претходно успешно реализираше и удар од седум метри.

Поповски со 6 гола и Филип Талески со 7 погодоци беа први стрелци во нашиот тим.

Капитенот Кирил Лазаров втор натпревар во низа го мина опуштено, на клупата, денеска и во друштво на Борко Ристовски, од каде следеа и тие заедно со селекторот Данило Брестовац, на кого и колку ќе може да се смета за Европското првенство во Виена во јануари.

Повторно имавме една сосем поинаква стартна постава, во која со исклучок на Талески и Пешевски, нови беа Костески и Маџовски како стартери на крилата, како и Танкоски и Јагуриновски и Томовски на голот.

Одлично прво полувреме одигра Македонија, со голема дисциплина во одбраната, како и добро организиран напад каде дистрибуција на топки имаше и за пикерите и за крилата, а Талески беше во главна улога и знаеше да се крене и да погоди од голема далечина. Имавме контрола над резултатот скоро константно, 3:1, 8:3, додека највисоката предност ја имавме на 15:9 на пет минути до крајот на првиот дел. Но, дозволивме серија од 0-4 на Грузијците, кои ја намалија разликата и со 17:14 заминавме на одмор.

Во второто полувреме Брестовац повеќе ротираше, им даде шанса на сите млади играчи кои ги имаше на располагање, па некако нивото на игра падна. Неколкупати имавме предност од два гола (18:16, 21:19) за на 22:22 Грузија да дојде до изедначување. Гостите беа подобри, но ниту Македонија не се предаде. Кизиќ кој го замени Томовски на голот имаше две одбрани во низа со кои им остави простор на Јагуриновски и Талески да не вратат на 24:22.

Потоа одново по 25:25, Танкоски и Поповски „врзаа“ два гола за 27:25, за во последната минута да се влезе изедначено 27:27. По тајм-аутот на Брестовац, Димитриовски изнуди пенал, а Поповски го реализираше за 28:27 и 30 секунди за последен напад на Грузија. Грузијците го реализираа нападот, а крилото ја превзема одговорноста во последниот напад за Македонија и беше побрз од сирената за победа 29:28.