Репрезентативното крило Мартин Поповски е еден од ракометарите кои заслужи честитки на своја сметка за прикажаното во ЕХФ неделата.

Селекторот Данило Брестовац во претходните две акции, квалификациските дуели со Турција и Грција, го изостави од списокот на 16 играчи, но крилото беше трпеливо и покажа каде му е местото.

Тој е еден од поискусните млади момци во тимот, со два настапи на ЕП и едно на СП, од кое добро го паметиме она во Загреб, каде Раул Гонзалез му остави доволно простор да се искаже како во 5-1 одбраната, така и во нападот, а тој надомести со одлична игра.

Својата шанса Поповски максимално ја искористи и неделава. Брестовац му остави доволно простор за игра, а за возврат доби ракометар, кој имаше храброст на два натпревари да превземе одговорност. Погоди пенал против Италија за реми (26:26), а денеска против Грузија прво одново имаше мирна рака во реализацијата на седмерецот, а потоа и беше човекот за одлука кој го постигна победничкиот гол.

Ракометарот на Пролет дефинитивно покажа дека на него може сериозно да се смета.