По пауза од неколку години македонската одбојка одново ќе има претставник во најсилното европско одбојкарско клупско натпреварување, ЦЕВ Лигата на шампионите. Капитенот на националниот тим, Никола Ѓоргиев и неговиот Фридрихсхафен ги дознаа противниците во групната фаза од елитата.

За пласман во топ-8 германскиот тим ќе се бори со полски Закса Козле, белгиски Розелар, како и еден квалификант, со оглед на тоа дека се уште се играат квалификациите.

„Одлична група, по мерка. Нема изразит фаворит. Закса е прв фаворит на хартија, бидејќи доаѓа од шеширот на носителите, но не е од рангот на Перуџа, Зенит или Лубе и може да се победи. Имаме шанси и ќе се бориме за влез во првите осум“, ја коментираше конкуренцијата за СПОРТМЕДИА, Никола Ѓоргиев.

Групната фаза во Лигата на шампионите започнува викендот 3-5 декември.