Македонскиот фудбалски тренер Влатко Андоновски е избран за тренер на годината во НВСЛ-лигата.

Тој и покрај преголемите проблеми со повредени играчи во текот на сезоната ја одведе својата екипа, ФК Рејнг, втора година во низа во плеј-офот. Останаа без титулата, но тој сепак ја доби оваа престижна награда.

„Именувањето на тренер на годината не е лична награда за мене. Тоа е награда за тимот, а играчите кои се бореа низ целата сезона. Играчи кои беа упорни и кои правеа работи што ретко кој може да ги направи. Благодарен сум за наградата, но сметам дека таа е одраз на одличната работа која играчите ја направија“, изјави Андоновски.

Наградата дополнително има тежина затоа што за најдобриот гласаат сопствениците на клубовите, генералните менаџери и тренерите, новинарите и фановите, а Андоновски собра дури 52.8 посто од гласовите, додека неговата конкуренција Пол Рилеј имаше 27.1 посто, односно Ричи Бурк 20.1 посто.

Влатко Андоновски утре ќе биде промовиран во селектор на женската фудбалска репрезентација на САД.