Македонските репрезентативци од денеска се слободни да им се вратат на своите клупски обврски по успешно одработената ЕХФ недела, во која одиграа четири пријателски натпревари, три победи и едно реми.

Селекторот Данило Брестовац во прв план ги имаше (по)младите ракометари, кои добија шанса да се наметнат во пресрет на јануарскиот поход во Виена, а финалниот заклучок е дека секој има шанса.

„Четирите натпревари дадоа една широка и комплетна слика за да видиме што, како и зошто од секој играч кој го имавме на располагање и кој доби минутажа. Ќе следи и дополнителна анализа, но она што може да го кажам е дека со проширен состав ќе излезам во декември, а потоа ќе го скратам списокот по турнирот Карпати. До 2 јануари кога патуваме за Словенија сè ќе се знае, а до тогаш секој има шанса“, истакна селекторот Брестовац.