Утре под Шара, во реваншот од 1/8 финалето во Купот на Македонија се среќаваат Шкендија и Вардар. Нашите најголеми клубови, клубови кои изминатите неколку години го држат врвот на мак-фудбалот. Првиот меч во Скопје беше 2:2. За тоа што може Вардар во Тетово, свое видување има Александар Васоски, стратегот на лидерот во домашниот шампионат.

„Одиме во Тетово без никакви калкулации. Ние не криеме дека оваа сезона го посакуваме и пехарот во Купот. А да ја оствариме таа цел секако дека ќе треба утре да ја елиминираме Шкендија, која има исклучително квалитетен состав. Резултатот од првиот меч вели дека Вардар мора да постигне најмалку еден гол, тоа е факт. Но ние нема веднаш со сите сили да нападнеме, ќе направиме баланс, сепак играме на гости, играме кај Шкендија. Од друга страна ќе сториме се да ја минеме оваа пречка, Вардар долго чека успех во ова натпреварување, свесни сме за тоа. Инаку да кажам дека и покрај тие 2:2 од првиот меч, ние сме оптимистички расположени, и нема да бараме алиби во случај на неуспех, но затоа ќе дадеме се од себе да дојдеме до резултат кој нам ќе ни одговара. Што се однесува до играчкиот кадар, не ќе можам да сметам само на Ибиши, останатите сите се во комбинација“ вели Васоски.

 

ЧУДНА Е ТАА ЖДРЕПКА…

Инаку и Васоски се чуди како може речиси секоја сезона Вардар и Шкендија многу рано да ги одмеруваат силите во Купот.

„Навистина несфатливо, како да сме проколнати или судени едни на други народски кажано. Секако дека поубаво ќе биде тоа биде едно големо финале, со многу публика, но што е тука е. Можеби следната сезона, во оваа ете повторно се паднавме рано, уште во 1/8 финалето. На крај да кажам дека очекувам добар, квалитетен натпревар, реков Вардар ќе го даде својот максимум, се надевам дека тоа ќе биде доволно да се радуваме по тие утрешни тетовски 90.минути“ рече за СПОРТМЕДИА стратегот на Вардар, тим кој досега во оваа есенска полусезона просто воодушевува со резултатите.