И премногу симптоматично. Вчера се одигра третото мега – дерби сезонава меѓу Шкендија и Вардар, а Хуан Фелипе одново не заигра на него, како и на претходните две меѓу нашите најголеми клубови. Да се потсетиме, тој во јули дојде како големо засилување во Шкендија, и секако тој му е потребен на шампионот на вакви мечеви, а не против Борец, Силекс или некој други екипи.

Од Шкендија јавно не се произнесуваат зошто е тоа така, во двата претходни меча во Скопје и Тетово, тогаш тренер беше Ерхан Селими, Фелипе преседе на клупата, додека вчера стратегот Ернест Ѓока не го стави ниту на списокот од 18 играчи на кои смета за мега – дербито. Значи беше на трибини, ако беше.

Дека бил повреден па и не веруваме, на тие два меча бил на клупата, секако со повреда не би се нашол таму. За вчерашниот меч не знаеме, но немаше никакви најави од клубот дека тој не може да игра поради повреда, болест или суспензија.

Остануваат значи само три причини зошто Фелипе не игра против својот бивш клуб.

Првата е дека едноставно не сака да игра против Вардар, дали од почит кон својот некогашен клуб или поради нешто друго, тој си знае.

Втората причина е дека тренерите на Шкендија намерно не го ставаат во игра против Вардар. А зошто е тоа така? Е за тоа самите треба да кажат.

И третата претпоставена причина би била дека во Шкендија воопшто не се задоволни од него, па бараат начин како во декември да ја раскинат соработката со некогаш најдобриот фудбалер во Првата лига во Македонија.

Четврта причина нема…