Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, вечерва (19 ч.) гостуваат во Никшиќ во меч од 5. Коло на АБА2 лигата. По четирите стартни победи, „штрковите“ повторно одат на сериозен тест, против тим кој во досегашниот дел од сезоната има три победи во четири одиграни средби и се уште е непоразен во својата арена.

Нашиот првак гледа оптимистички на вечерашниот дуел и очекува продолжување на победничката серија. Еден од најдобрите кошаркари во тимот од почетокот на АБА2 сезоната, Нуни Омот, во изјавата пред дуелот вели дека желбата за победа ќе го води тимот и вечерва во Никшиќ.

„Во секој натпревар влегуваме со желба да го надмудриме противникот и не гледам причина да не биде така и во пресметката со Сутјеска. Лигата е изедначена, нема лесни противници и потребно е да се одигра максимално за да се дојде до целта. Верувам дека ќе бидеме на посакуваното ниво и дека ќе ја продолжиме серијата победи во АБА2“, вели Омот.

Тренерот на „штрковите“ и вечерва бара максимален пристап на дуелот.

„Секој натпревар во АБА2 е исклучително важен, поради што сум сигурен дека ќе имаме максимално сериозен пристап кон натпреварот со Сутјеска. Станува збор за екипа со огромно искуство и екстремен шутерски квалитет. Едноставно секој играч од тимот може да погоди од секоја позиција. Мора да најдеме начин да ја намалиме нивната прецизност. Ако го сториме тоа, ќе може да се надеваме на триумф, кој и тоа како би бил значаен за нас“, истакнува Кочов.