Еурофарм Работник не успеа да дојде до првата гостински победа во Лигата на шампионите, ниту пак да му се одмазди на Татран Прешов за поразот на домашен терен. Македонскиот вицепрвак го запиша петтиот пораз во елитното натпреварување откако беше совладан од словачкиот тим со 31-29 (15-14).

Остроушко со седум погодоци беше прв стрелец, Јотиќ имаше пет, додека Ѓукиќ шест погодоци.

Татран дуелот го отвори со 4-1, на другата страна на избраниците на Алушовски им беше потребно време да влезат во ритам. Во 17. минута имаа водство од 8-11, но противникот со серија од 7-3 на полувремето замина со 15-14.

Домашниот состав поведе со 22-19 в0 40. минута благодарение на серија на грешки на битолскиот тим. Но, „фармацевтите“ не се откажаа со четири гола во низа на Остроушко, Ѓукиќ и Јотиќ поведоа со 22-23 за враќање на неизвесноста.

Марио Цвитковиќ голманот на Татран Прешов одново им создаваше проблеми на ракометарите на Еурофарм Работник, во последните девет минути неговиот тим влезе со плус три 27-23.

Битолчани не се откажаа, со добра одбрана брзо ја стопија негативата, во 56. минута беше 29-28. Нереализиран напад, поточно нова одбрана на Цвитковиќ како да ги урна надежите, но Радовиќ реализираше за 30-29. Но, Ѓериќ стави печат на победата.