Ракометарите на Металург остануваа непоразени и во 8. коло од Суперлигата, односно дојдоа до третото реми сезонава откако со 29:29 (13:17) го завршија дуелот со Охрид.

Дербито од врвот на табелата понуди одличен меч во „Автокоманда“ во кој гостинската екипа ја имаше иницијативата во најголемиот дел од средбата, додека Металург имаше шанса за триумф.

Последните 30 секунди од мечот беа доволни за „металурзите“ да организираат напад и да ја искористат шансата за победа, но Јагош Брауновиќ го одбрани ударот на Томислав Јагуриновски и донесе делба на бодовите.

Охрид имаше константна резултатска предност во првото полувреме и највисоки +4, 12:16, 13:17 со кои и замина на полувремето, а темпо диктираше до средината на вториот дел.

Од негатива од 20:23, Металург се избори за егал, 26:26, а серијата гол за гол која следеше донесе нерешен резултат и на крајот на средбата.

Во претходните два суперлигашни дуели денеска, Металург 2 со минимални 25:24 (14:11) славеше над Струга во последните секунди од средбата за прва победа сезонава, додека Вардар Јуниор со 35:26 (16:15) го совлада Работнички.