МЗТ Скопје стави крај на серијата од два порази во низа (еден во домашниот шампионат и еден во АБА 2-лига). Избраниците на Ѓорѓи Кочов за кратко време им се вратија на старите навики, на домашен терен го совладаа Куманово со 75-58 (24-17, 22-15, 15-21, 14-5) во првиот меч четвртото коло во Првата лига.

Бранителот на титулата одигра добро прво полувреме по кое имаше водство од 46-32. По одморот Куманово заигра нешто подобро, па во решавачките десет минути влезе со негатива од осум поени 61-53.

Крстевски и Николов брзо ја вратија двоцифрената позитива 66-53, МЗТ го отвори овој период со серија од 10-1, сето ова беше доволно за тимот од Аеродром да дојде до третата победа сезонава. Куманово пак го запиша вториот пораз во низа, во минатото коло по голема драма беше совладан од Работнички.

Капитенот Дамјан Стојановски имаше 17 поени и шест скока, два помалку имаше Николов, кај гостите Миладиновиќ имаше 14.